Хоџа во Неготино и Кавадрци на закројување на лозјето: Оваа година, нека донесе богат род и успешна сезона!

14.02.2021 16:00:00


Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, учествуваше на традиционалното закројување на лозјето, на лозови насади во Неготино и Кавадрци. На закројувањето учествуваа и градоначалникот на Општина Неготино - Тони Делков и градоначалникот на Општина Кавадрци- Митко Јанчев.

 

Закројувањето најпрво се изведе во Неготино, во лозовите насади на Винарницата Балкан Тим, а потоа продолжи во Кавадарци. Во кругот на Винскиот музеј во Кавадарци, свечено се закрои лозјето и со тоа беше најавен почетокот на новата производствена сезона.

 

„Пред нас е нова производна година. Да мислиме позитивно, да делуваме заеднички и нaвремено, како што се договоривме. Нашето грозје е со висок квалитет, затоа и нашите вина се надалеку познати по богатсвото на вкусови, ароми и добар карактер. Извозот на вино последните години бележи постојан раст. Во  2019 и  2020 година % на учество на виното во целокупниот извоз е 7,4%. Повеќе години наназад, виното е трет производ по вредност во извозот, зад тутунот и пекарските производи. Ова само го потврдува неговото значење за вкупната домашна економија. Ова е сектор во кој вреди да се инвестира, сектор кој треба уште повеќе да го развиваме, сектор од кој опстојуваат цели региони во државата. Драго ми е што денес имаме се повеќе млади луѓе, кои сакаат да инвестираат токму во овој сектор“ изјави Хоџа.

 

Тој им го честиташе празникот “Свети Трифун” на сите припадници на православната вероисповест и на сите лозари, нагласувајќи дека посакува денешниот празник да донесе богат род, квалитетно вино  и успешна нова сезона.

 

На настанот во Кавадрци, беше одржана и промоција на Каталогот „Водич низ Вински Музеј“ и ДВД издание „Од зрно грозје до чаша вино“.

 

Минатата година беше најтешката година за винската индустрија кај нас и во светот. Пандемијата ја наруши трговијата со флаширано и наливно вино.

Во такви услови, Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ја покажаа на дело својата вистинска грижа и за лозарите и за винарниците. Беа донесени интервентни мерки со кои кризата беше успешно надмината. Согласно „Законот за финансиска подршка за намалување на последиците предизвикани од Ковид 19, врз производството, откупот на грозје и винската индустрија", досега се исплатени 6,3 милиони евра, средства кои беа исплатени согласно ветеното, односно до крајот на минатата година. Според податоците од Платежната агенција, остануваат да се доисплатат уште 12 – 14 милиони денари, средства кои ќе бидат обезбедени во петтиот сет економски мерки.

 

Share