Постигнат договор за прекин на протестите, откупот продолжува, во петок повторно состанок во Прилеп

11.12.2020 15:00:00


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Зоран Шапуриќ, денеска одржа работен состанок со Сојузот на тутунарски здруженија, Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари и претставници на откупните компании.

Постигнат е заеднички договор за прекин на протестите. Сите откупни пунктови да продолжат со откупот и сите останати да се отворат согласно законскиот рок 15. декември.

„За разлика од другите години оваа година многу е мал процентот на откуп, само 1,6 % споредено со истиот овој период лани кога биле откупени 40% и тоа е загрижувачка слика. Но веќе имаме позитивни сигнали, задоволни излегоа и претставниците на одборот на тутнопроизводителите кои протестираа. Прекинувањето на протестите  е позитивен сигнал и можам да кажам дека имаме првичен договор“ изјави министерот Хоџа.

Министерот побара од директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, инспекторите да бидат присутни со засилени контроли, да го следат откупот и законски да постапуваат за сите евидентирани нерегуларности.

Тутунопроизводителите да продолжат да го носат тутунот, а сите кои ќе бидат незадоволни од проценетата класа на тутун, слободно да се повикаат на второстепена комисија.

 

Министерот повика на трпение и доверба помеѓу сите учесници во процесот. За следниот петок закажан е заеднички состанок во Прилеп за да се направи проценка дали е постигнато подобрување во откупниот процес на тутун од годинешната реколта.

Share