Димковски: Земјоделците да ги почитуваат препораките на Владата за коронавирусот, се следи состојбата со извозот на јагниња, целата прехранбена индустрија е мобилизирана и нема простор за паника

20.03.2020 14:00:00


Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, одржа прес-конференција во врска со ширењето на коронавирусот во нашата држава и препораките за земјоделците во услови на вонредна состојба.

Министерот Димковски изјави дека ова е период кога треба сите да покажаме општествена одговорност и заеднички да ги почитуваме препораките на Владата, за заштита од вирусот корона и негово ширење во нашата држава.

Потенцираше дека покрај ризиците за здравјето на луѓето, последици од оваа глобална пандемија ќе има и економијата, вклучувајќи го и секторот земјоделството. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, секојдневно ја следи состојбата со ширењето на вирусот корона од аспект на влијание врз земјоделството.

„Се наоѓаме во вонредна состојба, но тоа не значи дека треба да сопрат земјоделските активности и работата на министерството и другите надлежни институции во делот на сервисирање на услугите кон земјоделците. Платежната агенција и во овој период како и досега, продолжува со редовна исплата на субвенции.

МЗШВ интензивно работи на изнаоѓање на решение за откупот на јагнето. Нашата намера како ресорно министерство е јагнето да биде извезено. Во моментов извозот во Италија се одвива забавено, поради проблемот што го имавме со транспортот. Во постојна комуникација сме со откупувачите, и освен традиционалните пазари како Италија, Хрватска, Грција, се бараат и други алтернативни пазари за извоз на јагнето. МЗШВ ќе ја следи состојбата, и секако доколку има потреба, со соодветни мерки ќе им помогне на сточарите да ги покријат загубите, коишто ќе бидат донесени заеднички и во комуникација со сточарите и откупувачите на јагне“ изјави Димковски.

Притоа Димковски посочи дека транспортот на стока не е забранет и ќе се одвива под посебни безбедносни протоколи. Во моментов нашето МНР заедно со министерствата за надворешни работи од другите држави, заеднички работат на изнаоѓање на заеднички протокол за транспорт, со кој ќе се овозможи непречен проток на стоки. Со воведување на заеднички протокол, транспортот ќе се одвива непречено.

Владата воведе забрана за извоз на пченица и брашно, со цел да не се нарушат состојбите на пазарот во земјата, и да се обезбедат доволни количини на брашно во земјата во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи, предизвикана со прогласувањето на пандемијата.

Министерот Димковски ги повика граѓаните да бидат спокојни бидејќи храна има доволно, целата прехранбена индустрија е мобилизирана и нема простор за паника.

„Во тек е пролетна сеидба на пченка и сончоглед и таа треба да продолжи непречено, да се насадат и насеат нивите. Секако и во овој дел треба да се почитуваат препораките на Владата во оваа вонредна состојба. Земјоделските аптеки нема да бидат затворени. Набавката на сточна храна со регулирањето на протоколите за транспорт ќе се одвива непречено. Истото важи и за набавка на репроматеријали“, изјави Димковски.  

Од безбедносни причини, сточните пазари во моментов се затворени. Движењето на пратки со животни може да се врши само ако животните се правилно идентификувани и придружени со валиден сертификат за здравствена состојба на животните. Земјоделските производи на зелените пазари можат да се продаваат, но секако, важно е да се почитуваат препораките на Владата, во делот на одржување на хигиена, почитување на пропишаното растојание од еден метар, пазарење во разумни количини.

МЗШВ како и досега, продолжува да ја следи состојбата, доколку има потреба ќе се наоѓаат решенија преку интервентни мерки да се менаџираат сите новонастанати и непредвидливи состојби, а со цел да го заштитиме земјоделството како стратешка гранка во домашната економија и да ги заштитиме нашите земјоделци во услови кога тие не можат сами да се справуваат со состојби предизвикани на глобално ниво.

Share