Округла маса на тема „Здравјето на растенијата и пчелите како опрашувачи – можат ли заедно?“

10.03.2020 11:00:00


Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) министерот Трајан Димковски присуствуваше и имаше свое обраќање на настан, Округла маса на тема „Здравјето на растенијата и пчелите како опрашувачи – можат ли заедно?“. Настанот е организиран во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

Целта на настанот е да се воспостави платформа за дискусија помеѓу пчелари, земјоделски производители на растителни земјоделски култури, производители и трговци со пестициди, екесперти и претставници на надлежните институции за улогата на пчелите како опрашувачи, трендовите за заштита на растенијата, како и потребата за заштита на опрашувачите од неконтролирана употреба на пестициди.

Настаните се организирани во рамките на проектот „Диверзификација на економските активности во руралните области во Југоисточна Европа – СЕДРА“ имплементиран од ГИЗ и Постојната работна група за регионален развој во Југоисточна Европа (СВГ), а се во согласност со активностите на министерството за одбележување на Меѓународната година за здравје на растенијата.

Токму поради големото значење на растенијата за животот на планетата, Генералното собрание на Обединетите Нации ја прогласи 2020 година, за Меѓународна година на здравјето на растенијата. Главната цел на оваа кампања е да се зголеми свесноста за ризикот од појава на штетни организми и влијанието кое тие го имаат врз развојот растенијата и растителните производи. Но, исто така да се потенцира потребата за зачувување на корисните инсекти кои се неопходни за здравјето на растенијата - за опрашување, контрола на штетници, здравје на почвата, хранливи материи, рециклирањето итн., бидејќи во последните 25-30 години бројот на инсекти опадна за 80%.

„Растенијата ни обезбедуваат 80% од храната која ја јадеме и продуцираат 98% од кислородот кој го дишеме. Земјоделските култури имаат голем економски импакт, а доказ за тоа е податокот дека  трговската размена со земјоделски производи се зголемила за речиси трипати во однос на минатата деценија. “ – изјави министерот Димковски.

Исто така, министерот Димковски посочи дека Стручната комисија за регистрација на производи за заштита на растенијата, донесе одлука за ограничена употреба на сите производи од групата на неоникотиниодите, пред се затоа што истите претставуваат нервни деструктори кај пчелите. Целокупната палета дозволено е да се употребува во затворен простор, односно во оранжерии само доколку во оригиналата дозвола издадена од земјата членка има регистрирано употреба во затворен простор. Доколку таквата употреба нема соодветна регистрација, во тој случај целосно се одема дозволата. Министерството во текот на 2019 година одзема 9 вакви дозволи, а во завршна фаза се и дополнителни 5.

Стручната комисија целосно ги следи препораките за укинување или ограничување на употребата на одредени активни супстанци и истото се имплементира и кај нас во целост. На тој начин, потполно се усогласуваме со научните сознанија и трендовите на земјите од ЕУ.

Бенџамин Мор - Тим Лидер на ГИЗ посочи дека во нашата земја пчеларењето има долга традиција и дека Македонците се добри пчелари за што сведочи и меѓународниот успех на филмот “Медена земја“.Пораката којашто филмот ја испрати во Светот е дел од денешната тема на Округлата маса.

Во склоп на кампањата за меѓународната година за заштита на растенијата, Европската организација за заштита на растенијата (EPPO) креираше плишана маскота - инсект „Beastie The Bug“, која има вграден GPS уред и истата е дистрибуирана кај нас и низ цел свет. Денеска маскотата, беше дел од Округлата маса која се одржа во просториите на МЗШВ.

Со цел подигање на јавната свест за значењето на растенијата за животот на планетата, министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе продолжи со вакви активности и во наредниот период.

Share