Започна изградбата на браната ХС Конско, најголем инфраструктурен зафат во овој регион во последните 50 години

21.07.2018 15:00:00


Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска имаа свои обраќања на настан на кој беше означен почетокот на изградбата на вештачката акумулација, Конско, најголем инфраструктурен проект во овој регион, изминативе 50 години.
     
Во своето обраќање премиерот Заев рече дека Република Македонија преку Владата и надлежните министерства вложува во нови капитални инвестиции и проекти коишто директно ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

„Денеска сме овде да го означиме почетокот на изградбата на Хидросистемот „Конско“ кој за граѓаните на општина Гевгелија ќе значи реализирање на нивната долгогодишна потреба и желба од навремено снабдување со чиста и здрава вода за пиење, вода за наводнување која ќе дојде до нивите и плодните земјоделски површини, плантажите и фармите, но ќе биде и вода за дотур која ќе значи и спас за нашето убаво Дојранско езеро“, соопшти премиерот Заев.

Министерот Николовски рече дека станува збор за една од најголемите капитални инвестиции во земјоделството последните 10 години којашто е од исклучително значење за граѓаните од гевгелискиот регион, но на сите граѓани на Македонија.

„Водостопанството како стопанска гранка е една од клучните области, таа е основа за развој на земјоделството, но и низа други области од витално значење за нашата земја. Браните со акумулации обезбедуваат повеќенаменско искористување на водите, односно вода за наводнување на земјоделските површини и вода за производство на електрична енергија. Тоа придонесува за енергетска стабилност, зголемување на земјоделското производство и безбедност на храна на национално ниво“, потенцираше министерот Николовски.

Министерот порача дека Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство заедно со Владата се фокусирани на модернизирање и усогласување на нашето земјоделството со европските регулативи и во тој правец преку ваквите капитални проекти се обезбедуваат услови за поквалитетно земјоделско производство, поголем приход за земјоделците, а со тоа и поголем економски раст.

„Браната со акумулација Конско е дел од  Хидро системот „Конско” и се состои од брана на реката Конска, зафат Горничет на околу 8,5 километри низводно, како и зафати на протечните води на реките Жабачка, Сермениска и Кованска. Вкупната инвестиција за браната Конско е над 2,4 милијарди денари, пари обезбедени од буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно од Програмата за рурален развој. Браната Конско ќе обезбеди вода за наводнување на земјоделските површини од овој регион во сушниот период, кога водата е најпотребна. Во моментот, од можните 12.326 хектари обработлива површина во овој регион едвај се наводнуваат 2.632 хектари. Реалноста е дека во моментов има доволно вода само за околу 1.500 хектари. Наводнувањето оди многу тешко и по многу висока цена, што е голем товар за земјоделците и ја покачува цената на производите. Со новото техничко решение, односно преку изградба на три подсистем на оваа брана, ќе се наводнуваат околу 8.000 хектари плодно обработливо земјиште, односно се зголемуваат за пет пати наводнуваните површини“, соопшти министерот Николовски кој заедно со премиерот Заев симболично со притискање на старт тастер го означија отпочнувањето на изградба на браната Конско.

Свое обраќање имаше и претставник на компанијата изведувач Серка Таахут Иншаат Акели, Шефки Адал кој порача дека интензивирањето на ЕУ интеграциите и поканата за членство во НАТО на земјата претставуваат големо охрабрување за нови инвестиции на турските компании.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици