Национална стратегија со акционен план за органско земјоделство на Република Македонија 2008 - 2011Органското земјоделско производство, како еден од најновите производни системи во земјоделството, има значајна улога во идниот развој на земјоделскиот сектор во Република Македонија. Придонесува за заштита на еко-системите, одржливо искористување на природните ресурси, социјална правда и развој на руралните региони. Органското земјоделско производство, како и другите интегрирани агрo-еколошки практики непосредно придонесуваат за руралниот развој во Македонија.
Земјоделскиот и руралниот развој се клучните елементи за влезот на Македонија во Европската Унија. После аплицирањето на Македонија за прием во Европската Унија во 2004 година, во декември 2005 година Европскиот Совет и додели на Македонија статус на земја кандидат за влез во Европската Унија. Но преговорите за прием во Унијата ќе започнат дури тогаш кога Европскиот Совет ќе утврди дека земјата има постигнато задоволително ниво на исполнување на критериумите за членство.
МЗШВ ја усвои следнава стратешка цел како основа за земјоделскиот и руралниот развој и за формулирање на земјоделската политика:
Да се зајакне способноста на македонското земјоделство да им конкурира на регионалните интегрирани пазари во Европската Унија и Југоисточна Европа преку мерки со кои ќе се зголеми ефикасноста на земјоделското производство, преработувачка индустрија и маркетинг, и да се изградат соодветни ефективни јавни и приватни институции; да се зголемат приходите на фармерите; на потрошувачите да им се обезбеди пристап до здрава и безбедна храна; да се оптимизира искористеноста на ретките земјишни, шумски и водени ресурси на еколошко одржлив начин; да се изградат одржливи рурални заедници преку одржлив рурален развој.
Целта на Националната Стратегија со Акциониот План за органското земјоделство во Република Македонија 2008-2011 (НСАП), е да се зголеми органското земјоделство во Македонија, да се зајакне соработката меѓу сите засегнати страни кои делуваат во тој сектор, да се зајакнат пазарно-ориентираните организации и форми на здружување како Сојузот на органските производители на Македонија, да се зголеми знаењето за принципите на органското земјоделство кај производителите и потрошувачите, како и да се изгради капацитет на стручно знаење кое ќе работи на идниот развој на органското земјоделство во Македонија.
НСАП-от исто така има за цел да ја поддржи промоцијата и продажбата на органските земјоделски производи како на домашниот така и на странските пазари, а на потрошувачите да им обезбеди гарантирано безбедна и здрава храна.
Овој документ ќе биде одобрен и усвоен од Владата на Република Македонија на нејзина редовна седница.
Финансиските ресурси за реализација на НСАП-от главно ќе се обезбедат од Буџетот на Република Македонија преку годишните Програми за поддршка на органското земјоделство, но и со планирана и очекувана поддршка од донаторските организации преку нивните проекти во Република Македонија. Овој документ го подготви работната група назначена од МЗШВ, а во согласност со Националната програма за усвојување на acquis communautaire на Европската Унија (NPAA), во соработка и координација со меродавните страни кои делуваат во Секторот Земјоделство, одделението за органско земјоделство, и со стручна помош обезбедена преку меѓународни проекти.
Со спроведувањето на НСАП-от се предвидува да се зголеми органското земјоделско производство и преработка во Македонија, да се зголеми понудата и побарувачката за органските производи, да се зголеми знаењето и истражувањето во органското земјоделство, да се зајакне советодавната служба во овој сектор, и да се зацврснат врските помеѓу засегнатите страни кои делуваат во овој сектор. |





