РАСЦЕПКАНОСТ НА ЗЕМЈОДЕЛСКОТО ЗЕМЈИШТЕ – НАЈГОЛЕМ СТРУКТУРЕН ПРОБЛЕМ

Малата површина на земјоделско земјиште по стопанство од 1,8 ха во просек и прекумерната расцепканост на истото на 5 или повеќе просторно одалечени парцели е најголемот структурен проблем со директно негативно влијание на конкурентноста на македонското земјоделство. Пoeдинечните парцели со просечната големина помеѓу 0,25 и 0,6 хектари честопати се без пристап до наводнување и одводнување и соодветна патна инфраструктура.

Директен резултат од неповолната структура на земјиштето е ограничениот обем на производство, зголемените трошоци за гориво за транспорт од една до друга парцела, неможноста за примена на современа технологија, итн, што ги лимитира вкупните приходи од земјоделството и го спречува реализирањето на развојните планови.

НАЦИОНАЛНИ ПОЛИТИКИ ЗА КОНСОЛИДАЦИЈА НА ЗЕМЈОДЕЛСКОТО ЗЕМЈИШТЕ

Во насока на справување со неповолната структура на земјоделското земјиште во државата, Владата на Република Македонија со донесување на Националната стратегија за консолидација на земјоделското земјиште за периодот 2012-2020 година започна со воведување на активни политики на консолидација на расцепканите парцели. Во досегашниот период се создадоа сите правни и инситуционални основи за спроведување на политиките преку донесување на Законот за консолидација на земјоделското земјиште и подзаконските акти и со формирање на посебен сектор за консолидација во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Првите консолидациони проекти согласно новиот закон започнаа да се реализираат во 2014 година во село Егри, општина Битола и во Општина Конче со поддршка обезбедена од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Во тек е реализација на втората фаза од Националната стратегија за консолидација на земјоделско земјиште во која е предвидено започнување на поголем број посложени проекти на консолидација на поголеми површини и во повеќе места од државата со вклучување на сериозни интервенции во полската инфраструктура. Реализацијата на оваа фаза е финансиски и технички поддржана од страна на ИПА инструментот на Европската унија и ФАО преку проектот „Воведување на националната програма за консолидација на земјиште - MAINLAND“ спроведуван од страна на ФАО. Проектот треба да помогне во започнување на конкретни консолидациони проекти во подрачја избрани од првично селектираните 24 потенцијални локации.

ШТО Е КОНСОЛИДАЦИЈА НА ЗЕМЈИШТЕ?

Консолидацијата на земјиште е единствениот начин да се реши прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште. Тоа е процес на групирање на земјишните парцели со цел да се окрупнат и да се подобри нивниот облик, да се оптимизираат земјоделските имоти и да се воспостави неопходната инфраструктура, а во исто време да се заштити животната средина.

Како резултат ќе се овозможи секое земјоделско стопанство да поседува една или што помал број на земјишни парцели кои имаат правилна форма, пристап до пат и канали за наводнување и одводнување. Ова директно ја зголемува ефикасноста во земјоделското производство и придонесува за подобрување на животниот стандард на руралните заедници.

КАКО СЕ ИДЕНТИФИКУВААТ ОБЛАСТИТЕ ЗА КОНСОЛИДАЦИЈА НА ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ?

Консолидацијата е демократски и транспарентен процес воден од самите учесници. Поради тоа јасно искажаниот интерес и свесност за потребата за окрупнување од страна на учесниците е од особено значење за успех на процесот и се смета за еден од најбитните критериуми при избор на подрачјата за окрупнување на земјиште.

Консолидација на земјиштето се спроведува во точно дефинирана област која покрива земјоделско земјиште од едно или повеќе села каде што земјоделците искажале интерес за тоа и каде има оправдана потреба и услови за подобрување на постојниот просторен распоред на парцелите.

Постапката може да биде иницирана од страна на министерството по службена должност или на барање доставено до МЗШВ од најмалку 10 сопственици на земјоделско земјиште во подрачјето во кое се предлага консолидација.

Врз основа на физибилити студија за исполнување на критериумите што треба да ја покаже оправданоста за спроведување на консолидација и владина одлука, започнува демократскиот процес на усогласување на различните мислења на учесниците по однос на новиот распоред на пацелите. Самиот процес на консултации и јавни увиди е олеснет со посредство на стручни лица.

Еден од клучните принципи на консолидацијата е дека сопственикот на земјиштето не смее да добие помала вредност во однос на вредноста која ја внел на почетокот на процесот.

Проценката на вредноста на земјишните парцели ја врши овластен проценител, а новиот План за распределба на земјиштето се усвојува од страна на Собранието на учесници во консолидацијата. Трошоците за постапките се покриени од јавни извори на финансирање. 


Повеќе детали за постапките може да добиете во Водичот за консолидација на земјоделско земјиште, видеото, страната на МАИНЛАНД проектот дадени подолу или преку директен конаткт со:

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство

Сектор за консолидација на земјоделско земјиште, размена и идентификација на земјишни парцели

Аминта Трети 2, 1000 Скопје - тел .: +389 2 3134 477 (локали 109,110,111)

http://www.mzsv.gov.mk/

Проект  Воведување на нациoнална програма за консолидација на земјиште (MAINLAND)”

Аминта Трети  2, 1000, Скопје

тел.: +389 2 3134 477 (локал 708)


Проект за национална Програма за Консолидација на Земјиште (MAINLAND)



Водич за консолидација на земјоделско земјиште


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици